• Ул. Скупи 20 бр. 29б, Скопје
  • +389 70 234 142
  • rubikon.zdruzenie@gmail.com

Форум Театар

За разлика од обичниот театар, каде публиката има улога на пасивен набљудувач, во Форум театарот публиката активно учествува низ дискусија и влез на сцена, со цел да се изнајдат повеќе различни пристапи и решенија за дадениот проблем, што е и целта на Форум театарот. Оваа техника, на учесниците им дава алатки и опции за делување во реалниот живот во слични ситуации, и од пасивни набљудувачи ги претвора во активни учесници. Поради ова, Форум театарот како техника е многу популарна во светот и се користи за адресирање на проблеми во училиштата, во средини со специфични групации, како зависници, жени и деца жртви на семејно насилство, осудени лица, синдикати и многу други.

Основата на Форум театарот се кратки сцени – етиди, кои прикажуваат реални проблеми во заедницата, за кои не се понудени решенија.
Форум театарот претставува еден вид огледало, каде секој од публиката се препознава себе си во дел од улогите. Поттикнува интроспекција особено кај учениците кои вршат врсничко насилство, кои најчесто не се свесни за тоа. Кај учениците кои се жртви или сведоци на врсничко насилство се поттикнува асертивност и учат техники за самопомош и барање помош на институционален начин.

Нашето искуство во работа со ученици и професори на полето „врсничко насилство“ укажува дека техниката Форум театар дава одлични резултати. На креативен и безбеден начин сите учесници во процесот имаат можност слободно да зборуваат за нивните потреби и проблеми. Во претставата, преку игра на улоги, учениците ја претставуваат фактичката состојба во нивната средина поврзана со темата, поттикнувајќи емпатија и одговорност кај публиката. Преку дискусија и нудење различни пристапи во конфликтните ситуации во претставата, учесниците во публика имаат можност да учат едни од други на искуствен начин. Се поттикнува индивидуална одговорност, и од улога на набљудувачи се трансформираат во и проактивни поединци кои вршат влијание менувајќи ја приказната во претставата. Учесниците во ваков процес стануваат свесни за нивната моќ за промени и влијание во средината. Се поттикнува лидерски и конструктивен пристап, кој позитивно влијае на подигање на степенот на самодоверба и мотивација кај публиката.